Со воведувањето ограничувања за движење и активности поради корона вирусот, загаденоста на воздухот во урбаните области низ цела Европа е намалена, покажуваат најновите сателитски слики. На сликите може да се забележи намалување на просечното ниво на штетниот азот диоксид во периодот од 5 до 25 март во однос истиот период минатата година.
Сателитските снимки од Сентинел-5 покажуваат намалување на просечното ниво на азот диоксид во поголемите градови, вклучително во Брисел, Париз, Мадрид, Милано и Франкфурт. Тоа се совпаѓа со воведувањето мерки за ограничување на патниот сообраќај, најголемиот извор на азот диоксид и намалување на производството во фабриките што испуштаат штетни гасови.
Новите снимки, објавена од Европската вселенска агенција (ЕСА) и анализирани од Европскиот сојуз за јавно здравје (ЕПХА), покажуваат намалена густина на гасот азот диоксид, кој може да предизвика респираторни проблеми и карцином.
Дневните временски услови можат да влијаат на нивото на загадување на атмосферата, така што сателитските слики земаат просек од 20 дена и ги игнорираат податоците земени за време на облачните денови.
Податоците од Европската агенција за животна средина (ЕЕА) покажуваат сличен тренд за периодот помеѓу 16 и 22 март.
ЕПХА посочува дека луѓето кои живеат во загадени градови имаат поголем ризик да бидат заразени со Ковид-19, бидејќи продолжената изложеност на слаб квалитет на воздухот може да го ослабне имунолошкиот систем.
Во февруари, кога кинеската Влада воведе строги ограничувања на движење заради спречување на ширењето на корона вирусот, исто така, беше забележан пад на нивото на загадување во градовите.
Загадувањето на воздухот е причина за околу 400.000 предвремени смртни случаи секоја година во Европа, потенцираат од ЕЕА.