Австралиските власти спроведуваат акција за спасување на населението и туристите долж југоисточниот брег кој е погоден од огромни шумски пожари.
Австралиската морнарица евакуираше околу илјада туристи и жители кои останале заробени во пожарот во опустошениот град Малакоти на брегот на сојузната држава Викторија.
Луѓето во текот на целиот ден се товарени на два брода во акција која официјалните лица ја нарекоа „масовно преселување на цивили без преседан“.
Околу 4000 жители и туристи пребегнаа на плажите на почетокот на неделава кога пожарот го опколи градот.
Премиерот на сојузната држава Викторија, Даниел Ендрјус апелираше до населението во загрозените зони да се евакуираат, предупредувајќи ги дека не може да им гарантира безбедност.
Како што соопшти морнарицата, сите евакуирани ќе бидат превезени до Вестерн Порт, а тој пат трае 16 часа.
Многу автопатишта се блокирани од паднати стебла и оган кој опасно се приближува. Многу луѓе изгореле во запалени автомобили, чекајќи отворање на патиштата во намера да ги евакуираат семејствата и пријателите од изолираните подрачја.
Досега 18 лица настрадаа во пожарите во Австралија.