Свет 22. април 2020. / 21:30

Официјален Париз: Не сме блиску до заеднички европски план за рестартирање на економијата

Официјален Париз: Не сме блиску до заеднички европски план за рестартирање на економијата

Во пресрет на утрешниот видеоконференциски самит на ЕУ, француски функционери најавија дека масивниот европски план за рестартирање на економијата по кризата со корона вирусот, што го бараат Франција и Шпанија, нема да биде договорен меѓу 27 земји членки на ЕУ уште неколку недели.

Франција и Шпанија бараат ЕУ да воспостави план за закрепнување за европската економија од најмалку илјада милијарди евра, според барањето на Франција или 1.500 милијарди евра, како што бара Шпанија, финансиран од долгорочни заеми. Сепак, додека повеќето земји од ЕУ се согласуваат за потребата од мерки за поддршка тие се поделени во идеите за обемот на тие мерки, методот на финансирање и дистрибуцијата .

Дискусиите ќе продолжат во текот на неколку недели. Ќе биде потребен физички состанок на шефовите на држави и влади за да дејствуваат, можеби во јуни – изјавија функционери во Париз, кои изразија претпазлива надеж за договор во текот на летото.

Официјалне Париз, притоа, нагласува дека не сака „избрзан договор, на попуст“ и предупредува дека „Франција нема да ја даде својата согласност за европски буџет, кој не би дал одговор на кризата“. Тоа е сериозна закана затоа што усвојувањето на европскиот буџет бара едногласност на сите 27 земји членки.

Франција исто така сака овие стимулативни мерки да вклучуваат не само заеми за проблематичните држави, како Шпанија и Италија, туку и трансфери на средства, како дел од механизмот за солидарност.

Ако нашиот единствен пазар, нашиот мотор, не профункционира повторно, Европа ќе се најде во големи тешкотии, особено што надворешните пазари ќе бидат во тешкотија. Европската солидарност е во наш интерес. Ако кажеме дека одговорот на кризата е дека секоја земја го гради својот сопствен план, што е можно поголем за оние кои можат да си го дозволат тоа, додека другите така колку што можат, тоа нема да биде економски одржливо – тврдат од Елисејската палата, соочени со воздржаноста  на земји како Германија, Холандија и оние од северна Европа.

Во отсуство на договор на 27. земји-членки, Париз не исклучува да има „поограничени формати на инструментот на солидарност“. Франција понатаму, инсистира дека еколошките императиви на „Зелениот договор“ на ЕУ мора да останат приоритет.

Франција исто така верува дека надворешните граници на ЕУ ќе останат затворени барем до летото. Од друга страна, се надева на побрзо отворање на внатрешните европските граници, особено на француско-германската граница, каде што движењето во моментов е ограничено, односно дозволено е само движење на пограничните работници.