Свет 25. ноември 2020. / 15:35

Обид за напад врз Меркел: Автомобил се заби во заштитната ограда пред нејзината канцеларија

Обид за напад врз Меркел: Автомобил се заби во заштитната ограда пред нејзината канцеларија
epa08840685 A police officer guards car with the inscription 'stop the globalisation policy' that crashed in the gate to the chancellery in Berlin, Germany, 25 Novemver 2020. According to a statement, the police are currently clarifying whether the driver hit the gate on purpose. He was taken into police custody. EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Германската канцеларка Ангела Меркел и членовите на кабинетот во ниту еден момент не беа во опасност кога автомобил се заби во оградата на влезот на нејзината канцеларија, изјави денеска портпаролот на германската Влада.

Според него, ударот предизвикал само помала материјална штета.

Во меѓувреме, полицијата соопшти дека не верува дека станува збор за терористички напад.

– Во моментов не работиме врз основа на таква претпоставка, изјави портпаролката на полицијата на новинарско прашање дели постои сомнение дека станува збор за терористички напад.

Во инцидентот е повредено едно лице, кому лекарите од Брза помош му укажале медицинска нега на местото на настанот, јави ДПА.

– Во тек е истрага да се утврди дали возачот намерно удрил во капијата. Тој е уапсен, напиша берлинската полиција на Твитер.

Автомобил управуван од засега неименувано лице денеска удри во оградата на канцеларијата на германската канцеларка, а медиумите известуваат дека регистарските таблички на возилото Фолксваген Седан се исти со оние на автомобил кој учествуваше во сличен инцидент во 2014 година, кога возило се заби во канцеларијата на канцеларката со пораки напишани на вратите.

Според фотографиите на социјалните мрежи, на автомобилот што денеска удри во портата биле напишани и пораки. „Стоп за политиката на глобализација“ и „Проклети убијци на деца и стари луѓе“, пишува на вратата од автомобилот.

Во моментот на инцидентот германската канцеларка се подготвувала за виртуелен состанок со премиерите на 16-те провинции со цел да се разгледаат натамошните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.