Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, испрати апел до светските влади усогласено да делуваат во спречувањето на рецесијата на светската економија заради ширењето на корона вирусот.
Освен што ја предизвика кризата на јавното здравство, вирусот ја зарази и светската економија. Ширењето на вирусот го наруши синџирот за набавка и предизвика пад на вложувањата и потрошувачката, што доведе до реална и се поголема опасност од рецесија во светот – напиша Гутереш во уводникот на португалскиот дневен весник „Публико“.
Гутереш истакнува дека ниту една земја не може сама да се бори со последиците од пандемијата.
Повеќе од било кога претходно владите мора да соработуваат и да ја засилуваат економијата, да ги зголемат јавните вложувања, да ја поттикнуваат трговијата и да ги подржат заедниците и поединиците кои се зафатени од болеста – нагласи тој.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) неодамна предупреди на сериозноста од забавување на светска економија поради пандемијата од корона вирусот, а нивото на забавувањето ќе зависи од нејзиното траење и реакциите на владите.
ММФ во април треба да ги објави своите ажурирани економски прогнози.
ММФ во декември предвидуваше светски раст од 3,3, отсто, но тоа беше пред нарушувањата на светско ниво што беа поврзани со пандемијата од коорна вирусот, како што се затворањето на трговските синџири, ограничувањата на движењето, откажувањето на спортски и културни настани.
На почетокот на февруари, директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, предупреди дека растот во 2020 година ќе биде помал од 2,9 отсто, колку што беше и во 2019 година, но не можеше да предивиди колку тој ќе изнесува.