Обединетите Арапски Емирати денеска објавија дека ја отвораат можноста за доделување државјанство на одредени категории странци кои придонесуваат за „развој и просперитет на државата“, потег што е многу редок во земјите од Заливот.
Информацијата на Твитер ја објави премиерот на сојузот на седум емирати и на Дубаи, шеикот Мохамед бен Рашид Ал-Мактум.
-Ние прифативме амандман со кој им се доделува државјанство на ОАЕ на инвеститори, надарени луѓе меѓу кои се научници, лекари, инженери, уметници, писатели и нивни семејства, пишува Шеик Мохамед.
Со таа одлука, Емиратите се обидуваат да обезбедат придонес на натурализираните граѓани во „развојот и просперитетот на земјата“, се вели во соопштението на владата.
Ова е ретка можност во областа на Персискиот Залив каде монархиите сериозно ја ограничуваат можноста на странците да добијат државјанство.
Странците го сочинуваат огромното мнозинство на населението во Обединетите Арапски Емирати.