Свет 04. јануари 2021. / 21:16

Новиот вид на коронавирус се појави и во Австрија

Новиот вид на коронавирус се појави и во Австрија

Мутираниот вид на коронавирусот, кој за прв пат беше откриен во Велика Британија, е пронајден и во Австрија, објави денеска австрискиот министер за здравство, Рудолф Аншобер.

-Со новиот вид на вирусот заразени се четири лица во главниот град Виена, рече Аншобер.

Сите четири лица биле доброволно тестирани на аеродромот во австриската престолнина.

Меѓу заразените е и 12-годишно девојче кое пристигнало во Австрија на 18 декември, додаде министерот. Сите заразени лица засега имаат само благи симптоми и во моментов се во самоизолација.

Друг заразен е 30-годишен Австриец, кој во земјата дошол на 6 декември од Јужна Африка.

Новата мутација, за која се смета дека е многу позаразна од претходните соеви, првично беше откриена во Велика Британија и сега се шири во европските земји.

Според досегашните сознанија, коронавирусот е помалку подложен на мутации отколку вирусот на грип.