Свет 30. мај 2018. / 15:05

Новинарот кој беше убиен, јавно признал дека не му е жал за починатите членови на рускиот воен хор

Новинарот кој беше убиен, јавно признал дека не му е жал за починатите членови на рускиот воен хор

Рускиот новинар Аркадиј Бабченко кој е убиен во Киев, беше познат како голем критичар на власта во Русија.

Тамошните медиуми пренесуваат дека Бабченко, кој е роден во 1977 година, бил голем критичар на политиката на Кремљ во последните неколку години, како и тоа дека во еден од текстовите пишувал дека не му е жал за членовите на рускиот воен хор Александров и другите функционери, кои починаа кога авионот Туполјев-154 се сруши во Црното Море во декември 2016 година.

Некои после тој текст повикуваа да му биде одземено руското државјанство на Бабченко, кој во своите текстови последните години ја критикуваше одлуката за спојувањето на Крим со Русија, поддршката на Русија кон проруските сили во Украина и руските акции во Сирија.

Западните медиуми, повикувајќи се на полициски функционери од Украина, пренесуваат дека токму неговата работа е најверојатно и причина за убиството, а „Independent“ пишува дека начинот на известување на Бабченко околу конфликтите во Украина и Сирија придонело за негово убиство.

„BBC“ на својот Facebook профил ја опиша Русија како „агресор“, како и дека Бабченко после падот на рускиот воен авион во 2016 година, почнал да добива смртни закани, што го натерало да ја напушти „земјата во која повеќе не се чувствува безбеден“.

Бабченко пишуваше за голем број на различни медиуми, меѓу кои и за „BBC“, каде известуваше од местото на настанот на исток во Украина во 2014 година, кога беше срушен украински воен хеликоптер.

Бабченко синоќа беше пукан во грбот со огнено оружје во влезот пред станот во кој живееше во Киев, а почина како последица од прострелни рани на пат до болницата. Од август 2017 година, Бабченко живееше и работеше во Киев.

Русија ги повика украинските власти да вложат максимален напор за да биде истражено убиството на Бабченко, соопшти министерството за надворешни работи на Русија.

„Крвави злосторства и неказнување на истите, станаа рутина за киевскиот режим“, се вели во соопштението.

И претставник на ОЕБС за слобода на медиумите, Арлем Дезир, ги повика украинските власти веднаш да спроведат полна истрага околу убиството на новинарот.

„Згрозен сум од извештаите дека познатиот руски новинар Аркадиј Бабченко е пукан и убиен пред својот дом во Киев, тоа е ужасен случај. Ги повикувам украинските власти веднаш да спроведат полна истрага. Моите мисли се со семејството на новинарот“, напиша Дезир на социјалните мрежи.