Свет 15. мај 2020. / 15:33

Новинарите од националната новинска агенција на Италија во штрајк поради планот за бркање од работа

Новинарите од националната новинска агенција на Италија во штрајк поради планот за бркање од работа

Собранието на новинари на италијанската новинска агенција АНСА одлучи да стапи во дводневен штрајк поради планот за намалување на бројот на вработените во агенцијата, што беше предложен од раководството како мерка за закрепнување поради намалените приходи на агенцијата како резултат на пандемијата на Ковид-19.

Новинарите од агенцијата во соопштение изјавуваат дека предложениот план е недозволив и доколку биде усвоен тоа ќе го загрози функционирањето на АНСА, односно квалитативно и квантитативно производство на агенциски вести. Како што истакнуваат таквата одлука нема да биде во согласност со потребите на земјата во овој исклучително тежок период кога објективното информирање е неопходно и незаменливо.

Новинарите бараат обнова и реорганизација на агенцијата по пандемијата на корона вирусот, а не намалување на нивниот број и потсетуваат дека е загрозена и целта за која е создадена АНСА пред 75 години, а тоа е да и се гарантира на државата извор на објективни и непристрасни информации.

Тие ги повикуваат Владата, Парламентот и граѓанското општество во заеднички интерес да го спречат загрозувањето на работата на еден од главните столбови на националниот информативен систем.