Свет 22. јануари 2020. / 10:04

Нови експлозии во Стокхолм и значителна материјална штета

Нови експлозии во Стокхолм и значителна материјална штета

Во денешните нови експлозии во Стокхолм нема жртви, но предизвикана е значителна материјална штета. Во рок од неколку минути две експлозии на оддалеченост од 500 метри одекнаа во северозападниот дел на шведскиот главен град, по што повеќе од 50 локални жители мораа да бидат евакуирани.

Полицијата отфрла тероризам, но засега не ги поврзува експлозиите ниту со меѓусебните пресметки на криминални банди. Пред осум дена слична експлозија го погоди центарот на Стокхолм, при што беа оштетени неколку згради и возила.

Од почетокот на минатата година, во Шведска драматично расте бројот на бомбашки напади и пресметки со огнено оружје. Статистиките на владата покажуваат дека во 2019 година бројот на експлозии бил за 60% поголем од претходната година.

Според полицијата, бранот насилство придружен со оружени пресметки и бомбашки напади се должи на пресметки меѓу банди во големите градови. Шведските граѓани, навикнати нивната земја секогаш да биде на врвот на листите на најбезбедните во светот, се во шок.

Во полицијата само лани биле пријавени 257 бомбашки напади. Властите не даваат информации за типот на бомбите или на експлозивот кој бил користен во нив, но медиумите во земјата јавуваат дека во голем број случаи се работи за домашно направени бомби од вакумирани термоси полнети со експлозив.