Свет 17. декември 2020. / 10:02

Нов Зеланд ќе започне бесплатна вакцинација на целото население следната година

Нов Зеланд ќе започне бесплатна вакцинација на целото население следната година

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, денеска изјави дека Нов Зеланд ќе започне бесплатно да ја вакцинира целата популација до средина на следната година.

Владата соопшти дека обезбедила доволно вакцини за сите 5 милиони жители, а договорите се потпишани со фармацевтските компании АстраЗенека и Новавакс.

Преку договорите се обезбедени 7,6 милиони дози од АстраЗенека и 10,72 милиони од Новавакс, што е доволно за повеќе од 9 милиони луѓе со оглед на тоа што и двете вакцини се примаат во две дози, наведува Ројтерс.

-Тоа ќе биде најголемата имунзација во историјата на Нов Зеланд, изјави Ардерн на конференцијата за новинари.

Таа објасни дека во првата половина од годината ќе бидат вакцинирани граничните службеници и припадниците на спасувачките служби, а во втората половина сите други жители.

Меѓутоа, датумите на испорака не можат да бидат загарантирани со оглед на големата побарувачка на вакцини, особено во земјите кои се борат со голем број заразени и починати лица.

Нов Зеланд е помеѓу неколкуте земји кои успеаја да го сузбијат ширењето на коронавирусот. Досега, во оваа земја се заразени само 1744 лица, а починале 25.