Кризниот штаб за корона вирусот во белгија предупреди дека повторно расте бројот на инфекциите во земјата по долг стабилен период. Од кризниот штаб го повикаа населението на лична одговорност.
Според епидемиолозите од кризниот штаб, подемот во бројот на заразени се должи пред сѐ на големите семејства и настани на кои се собира голем број на луѓе. Се забележува дека подемот е локализиран на неколку региони во земјата.
Добрата вест е што бројот на хоспитализирани не расте драстично и дека болниците не се преоптоварени за разлика од првиот бран во април, но дека е потребно на време да се реагира за да не се повтори истата ситуација.
Населението се повикува да ги почитува сите мерки пропишани од владата, маската е задолжителна секаде, личната хигиена, миењето раце и ограничувањето на социјалните контакти на петнаесет лица неделно остануваат строго препорачани.
Во бројки, минатата недела Белгија бележи во просек 154 нови заразени дневно, односно зголемување од 66 отсто во споредба со претходната недела.
Вкупниот број заразени во земјата достигна 63.893, со најголем број случаи во северот на земјата, а најмал во околината на главниот град, Брисел. Реалната бројка е сигурно поголема, со оглед на бројот на асимптоматски и нетестирани лица.
По возраст, група со најголем број заразени се помеѓу 20 и 29 години.