Ноќниот полициски час во Холандија ќе остане на сила најмалку уште една недела, откако Апелацискиот суд во Хаг одлучи да расправа за законитоста на таа мерка на 26 февруари.
Хашкиот окружен суд во вторникот донесе одлука дека полицискиот час треба веднаш да се укине, бидејќи нема законска основа за негово воведување.
Владата на премиерот Марк Руте, сепак, смета дека мерката е клучна за забавување на третиот бран на пандемијата, додека демонстрантите и политичките противници на власта велат дека полицискиот час, првиот во Холандија по Втората светска војна, претставува непотребно ограничување на слободата.
Во посебен обид да се задржи полицискиот час, Владата подготви нацрт закон со кој експлицитно се дава право да ја воведе мерката, а Сенатот подоцна ќе гласа за предлогот.
Полицискиот час во Холандија е воведен на 23 јануари, што доведе до повеќедневни протести и немири.