Свет 05. ноември 2020. / 14:18

Ништо не е изгубено – Трамп се уште има шанси за победа

Ништо не е изгубено – Трамп се уште има шанси за победа

Не сите предвидоа дека пребројувањето на гласовите и објавувањето на резултатите ќе трае дури неколку дена по завршување на гласањето.

Иако Џо Бајден во моментот води со 264 гласови во изборниот колеџ и му фалат само 6 за победа, моменталниот претседател се уште има пат до победа и освојување на втор мандат. Во овој момент, Доналд Трамп има освоено држави кои му носат 214 гласови во изборниот колеџ, а во водство е во државите Северна Каролина (15), Џорџија (16) и Пенсилванија (20). Овие три држави на Трамп би му донеле 51 глас, а заедно со Аљаска која се чини дека убедливо ќе ја добие, тој би дошол до број од 267 електори.

Во ова сценарио, пресудна би била борбата за Невада, која ќе биде одлучувачки фактор со нејзините 6 електори. Моменталната разлика помеѓу гласовите е нешто помала од 8,000 гласови во корист на Бајден, со тоа што остануваат непребројани цели 25 проценти од гласовите.

Во игра исто така е и државата Аризона со своите 11 електори. Вчера беше прогласена победа на Бајден во оваа држава, но кампањата на Трамп експресно го отфрли ова тврдење и рече дека има докази за фантомски гласачи и дека ќе тужи за обид за кражба на изборите. Од тогаш, по пребројување на неколку гласачки места, Трамп ја намали разликата во гласови и моменталната разлика изнесува помалку од 70,000 гласови во полза на Бајден, со тоа што преостануваат уште 12% од гласовите да бидат избројани и објавени.

Оваа трка е неизвесна како што беше предвидено и доколку Трамп во наредните неколку часови успее и официјално да победи во Северна Каролина, Пенсилванија и Џорџија, Невада ќе биде онаа која ќе го одлучи победникот.

Броењето на гласовите во Невада е планирано за денес во вечерните часови.