Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека му рекол на потпретседателот на руската влада, Максим Aкимов, дека Израел мора да продолжи со нападите врз непријателски цели во Сирија.
Како што навел, тоа мора да биде направено и покрај одлуката на Москва да го снабди Дамаск со ракетни системи од типот С-300.
Нетанјаху на прес-конференција рече дека му пренел на Акимов оти Израел ќе продолжи да се бори против напорите на Иран воено да се зацврсти во Сирија и да испорачува оружје за неговиот либански сојузник, екстремистичката организација Хезболах.
И покрај испорака на одбранбените системи С-300, Израел се залага за своја самоодбрана и ќе продолжи со легитимната активност во Сирија против Иран и неговите сојузници, кои ја изразија својата намера да нѐ уништат, изјави израелскиот премиер.
И Иран и Хезболах, кои се непријатели на Израел, ги поддржуваат силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад во граѓанската војна во таа земја, исто како и Русија.
Израелски авиони извршија стотици воздушни напади во Сирија, на ирански и сириски цели, но нема нови извштаи за израелски напади откако сириската воздушна одбрана по грешка собори руски извидувачки авион, притоа целејќи кон израелските борбени летала.