Дневниот унгарски весник ,,Непсава” денес од свои извори во Брисел дознава дека назначената претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, размислува да и го одземе портфолиото проширување на Унгарија.
Според весникот се очекува рокада помеѓу портфолијата на Романија и Унгарија, првата би го добила проширувањето, а втората транспортот.
Кандидатите за комесари од Романија и Унгарија беа отфрлени од страна на парламентарната комисија за правни работи на ЕУ поради конфликт на интереси. Владата во Будимпешта номинираше нов кандидат веднаш потоа, сегашниот унгарски амбасадор при ЕУ, Оливер Вархелји, но Романија сѐ уште не предложила замена.
Романската влада падна попладнево откако парламентот и изгласа недоверба и нејасно е кога Букурешт ќе може да номинира кандидат за комесар, а новата Европска Комисија треба да почне со работи на 1 ноември.
Новите кандидати од Романија и Унгарија требаше да бидат сослушани идната недела, но со оглед на тесниот временски рок, седниците ќе бидат одложени најмалку една недела, ако не и повеќе со оглед на новонастанатата состојба во Романија.