Хрватскиот научник Иван Ѓикиќ, заедно со својот тим од Институтот за микробиологија во Франкфурт, ја откри потенцијалната слаба точка на новиот коронавирус. Тимот научници сметаат дека со нивното откритие би се променил начинот на лекувањето, односно ќе се овозможи двојна тераписка стратегија. Да се запре ширењето на вирусот и засилувањето на имунолошкиот одговор кон вирусот, објави ХРТ.
Таков концепт и таква нова идеја никој не тестирал. Ние сме први кои имаме можен лек кој двојно ќе дејствува и на вирусот и на стимулирање на имунолошкиот одговор, вели Ѓикиќ.
Според него и неговиот тим, ова откритие е значајно, затоа што за да може да се најде лек за ковид-19, прво треба добро да се проучи вирусот. Досега, ниту еден лек од тие што беа користени против ковид-19 не покажа ефикасност кај клиничките испитувања.
Ова е сега шанса првпат да создадеме нешто што е уникатно. Фокусирани сме на вирусниот ензим и на тие темели можеме да создадеме ефикасен и специфичен лек за овој вид на вирусот. Што се однесува до примената на ова истражување, заедно со колегите клиничари работиме на доистражувања. Охрабрувачки е што во САД веќе се тестира лекот ‘фамотидин’, кој дејствува на ензимот, но сè уште не е потврдено дека е потенцијален лек, вели Ѓикиќ.
Истражувањето на тимот на Ѓикиќ е настанат од идејата како да се пронајде Ахиловата петица, односно слабата точка на коронавирусот, а не лекот. Ѓикиќ и неговиот тим два месеци работеле на ова истражување во тесна соработка со девет лаборатории од Германија и Холандија.