Билтенот на нуклеарните научници го подеси својот симболичен „часовник на Судниот ден“ на 100 секунди до полноќ, најблизу до катастрофа откако научниците го „мерат“ ризикот за светот од неговото создавање во 1947 година, на почетокот на Студената војна. Откако научниците во 2020 година го поместија часовникот за 20 секунди, сега е на 100 секунди до нуклеарна полноќ.
Часовниот на Судниот ден првпат се појави на насловната страна на Билтенот на нуклеарни научници во 1947 година. Времето оставено до полноќ ги симболизира тензиите во меѓународната ситуација, а полноќ значи момент на нуклеарна катаклизма. Во последниве години, стрелките се поместуваат само нанапред.
– Сега е на 100 секунди до полноќ. Изразуваме колку е светот близу до катастрофата, во секунди – не во часови, па дури ниту во минути. Ова е најблиското време до Судниот ден во историјата на Часовникот на Страшниот суд – изјави шефицата на Билтенот на атомски научници, Рејчел Бронсон.
Говорејќи за време на церемонијата, Бронсон додаде дека во текот на изминатите две години „влијателни лидери“ ги уништуваат најефикасните методи за спречување закани – меѓународни договори со строги контролни режими.
Професорката на Институтот за меѓународна политика во науката и технологијата, Шарон Скасони, порача дека човештвото брзо го губи постигнатото на нуклеарно поле, а последните настани само докажуваат дека е дојдено до 100 секунди до полноќ.
Поконкретно, таа го спомена повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран и последователното постепено оддалечување на Техеран од преземените обврски, па се до неодамнешната изјава дека Иран повеќе не се чувствува обврзан со договорот.
Таа, исто така, го спомна и договорот за неширење на нуклеарно оружје од кој се повлече САД, но и недостигот на напредок во денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров.
На церемонијата на демонстрација на времето преостанато за реакција присуствуваше и поранешниот генерален секретар на ООН Бан Ки-мун.
Во 2018 и 2019 година, часовникот на Судниот ден беше подесен на околу две минути пред полноќ. Исто време мереше и во 1953 година по првиот тест на водородна (хидрогенска) бомба. Најмирно време беше 1991 година, кога стрелките беа оддалечени на 17 минути од нуклеарната катастрофа.