Кога заразениот пациент со корона вирусот кашла, кива или разговара, тогаш тој од телото исфрла респираторни капки кои можат многу лесно да ги заразат луѓето околу него. Иако има можност тие капки да се вдишат преку воздухот, сепак тие не се задржуваат многу долго во просторот. Како што тврдат експертите, најчестиот облик на пренесување на Ковид-19 е доколку заразениот пациент кива или кашла во својата рака, а потоа со неа допре одредена површина.
Истражувањата покажале дека вирусот на одредена површина може да преживее од неколку часа до неколку дена, а тоа значи дека секој човек што ќе ја допре таа површина, има голема шанса да стане позитивен на корона вирусот ако потоа го допре лицето, очите, устата или носот.
Откако вирусот ќе влезе во организмот, тој се врзува за нашите ќелии, објаснува д-р Џејн Ориент, извршна директорка на Здружението на американски лекариу и хирурзи, како и претставник на здружението „Doctors for disaster preparedness“.
Таа објаснува дека вирусот се лизга низ клетките и почнува да се размножува, а на крајот ќелијата се уништува.
– Откако една ќелија ќе се уништи, вирусот го повторува истиот процес во следните клетки – вели Ориент.
Зошто вирусот предизвикува сува кашлица?
Од првиот ден на пандемијата со Ковид-19 познато е дека сувата кашлица е еден од симптомите на вирусот.
– Корона вирусот продира во долниот респираторен тракт, во градите и во нејзините воздушни ќелии многу побрзо отколку обична настинка. Сувата кашлица кај пациентите заразени од Ковид-19 е само резултат на иритацијата во телото на заразениот – објаснува Ориент.
Зошто се губи сетилото за мирис и вкус?
Ова е уште еден симптом на корона вирусот. Според анализата на Универзитетот во Лондон во која учествувале 579 пациенти, покажала дека 59 отсто од нив го загубиле чувството за мирис и за вкус.
Експертите не знаат која е точната причина за тоа, но д-р Ориент смета дека губењето на сетилото е поврзано со оштетените нерви во носот.
– Исто како со пушачите. Нервите во носот се уништени и сетилото за вкус и за мирис практично не функционира како претходно – објаснува таа.
Други вообичаени симптоми
Големиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) заснован на 56.000 случаи во Кина покажува дека кај 40 отсто од пациентите се јавил хроничен замор, кај 19 отсто имало недостиг на воздух, а кај 88 отсто од нив била забележана зголемена телесна температура.
Како што објаснува д-р Ориент, недостигот на воздух се јавува поради блокадата во градите. Таа вели дека белите дробови кај пациентите со корона вирус се полни со течност. За зголемената телесна температура вели дека е само имун одговор на човечкото тело во обид да се одбрани од вирусот.