ЕУ планира да тестира AI детектор за лаги на границите, пишува The Verge. Програмата наречена iBorderCtrl ќе функционира 6 месеци на четири граници во Унгарија, Латвија и Грција со земји надвор од Европската Унија.
Виртуелен службеник ќе користи AI за да детектира лаги од фацијалните микроекспресии на луѓето. Во државите од ЕУ секоја година влегуваат скоро 700 милиони луѓе, а бројката постојано се зголемува. Големиот број патници создаваат сè поголем притисок на надворешните граници на ЕУ и тоа им создава тешкотии на службениците на граничната полиција, кои ги контролираат луѓето кои влегуваат во ЕУ. За да им ја олесни работата, ЕУ одлучи на граничните премини да воведе систем наречен iBorderCtrl, кој поседува скенер за документи, камери и екран со виртуелен службеник.
Кога патникот ќе пристапи виртуелниот службеник ќе ги скенира неговите документи со фотографија, а потоа со камера ќе го набљудува лицето додека одговара на едноставни прашања. Вградениот AI во ситемот од фацијалните микроекспресии ќе детектира ако личноста лаже и потоа ќе повика граничен полицаец за дополнителна проверка. Доколку не препознае знаци на лага, односно сомнително однесување, патникот ќе ја мине границата без дополнителна контрола.