Свет 20. мај 2020. / 14:10

Намалување на употребата на пестициди за 50 отсто за одржлив прехранбен систем во ЕУ

Намалување на употребата на пестициди за 50 отсто за одржлив прехранбен систем во ЕУ

Со еден месец задоцнување поради кризата со корона вирусот, Европската Комисија ја објави стратегијата „Од фарма до виљушка“ (Ф2Ф) за поодржлив прехранбен систем во Европската Унија.

Меѓу другото, стратегијата предвидува намалување на употребата на пестициди и антибиотици за 50 отсто во земјоделската активност и постигнување на 25 отсто на земјоделско земјиште посветено на органскиот начин на производство на храна во ЕУ.

Европската Комисија се надева дека новите препораки за земјоделството и исхраната ќе овозможат транзицијата кон одржлив европски прехранбен систем кој ќе овозможи и безбедност на храната и поздрава исхрана на европските граѓани.

За оваа цел земјоделците и рибарите ќе добијат посебна поддршка од заедничката земјоделска политика на ЕУ преку еко-фондови за транзиција кон поодржлив начин на практикување на нивната работа.

Истовремено, Комисијата денеска ја презентираше и својата стратегија за биодиверзитетот.

Соочена со огромен пад на природниот диверзитет и притисок од граѓанското општество за посмели мерки за зачувување на биодиверзитетот и климата, Европската Комисија предлага да се воведат јасни цели за намалување на загадувањето на почвата и градење позелени градови.

ЕК смета дека до 2030, европските почви и мориња треба да бидат претворени во заштитени подрачја, а најмалку десет отсто од земјоделските подрачја да вратат висока стапка на биодиверзитет.

Дваесет милијарди евра се предвидени годишно за проекти за зачувување на биодиверзитетот преку ЕУ фондови, како и преку национални и приватни шеми на финансирање.

Корона вирусот покажа колку сме ранливи и колку е важно да се врати рамнотежата помеѓу човечката активност и природата. Климатските промени и загубата на биодиверзитетот се јасни и претставуваат опасност за човештвото – изјави Франс Тимерманс, потпретседател на ЕК задолжен за Зелениот договор.

Комесарката за здравство, Стела Кириакидес, додаде дека прехранбената стратегија ќе направи позитивна разлика во начинот на кој се произведува и консумира храната во ЕУ.

Ова е прилика да ги помириме нашите прехранбени системи со здравјето на нашата планета, да обезбедиме прехранбена сигурност и да ги исполниме барањата на Европејците за здрава, фер и еколошка исхрана – изјави Кириакидес.

Граѓанските организации за заштита на животната средина, сепак, оценија дека стратегијата не е доволно амбициозна, меѓу другото поради фактот што не посветува доволно внимание на намалувањето на консумацијата на месо.

Стратегијата сега треба да биде дебатирана и одобрена од Европскиот Парламент и од земјите членки.