Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени вкупно 3.016.633 лица. Од нив починале 207.971, а оздравеле 888.551 луѓе.
– Руската војска пријави 2.090 заразени случаи со коронавирус меѓу своите припадници, кадети и цивилни службеници.
– Во Холандија за едно деноноќие од Ковид-19 починаа 43 лица, а дополнително се заразиле 400.
– Во последните 24 часа во Белгија починаа 113 луѓе, а се заразиле 553. Со тоа бројот на заболени во земјата достигна 46.689, а на починати 7.207.
– Градежните работници се вратија во изгорената катедрала Нотр дам во Париз и продолжија со нејзиното обновување по пауза од еден и пол месец поради пандемијата на коронавирусот.
– Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека ќе се заложи клучните домашни компании да платат пониски даноци, а мултинационалните компании треба да платат повеќе, со цел да се забрза опоравувањето на економијата поради кризата со Ковид-19.
– Германија денеска дозволи враќање на учениците од завршните класови во училишните клупи, откако наставата еден и пол месец се вршеше од далечина.
– Вториот дел од судскиот процес за екстрадирање на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж во САД нема да се одржи во мај, како што е планирано, бидејќи сослушувањата се откажани поради пандемијата на коронавирусот.
– Висока комесарка на ОН за човекови права ги повика државите низ светот да го почитуваат владеењето на правото за време на пандемијата на коронавирусот, ограничувајќи ги пред се вонредните мерки со цел да се избегне „катастрофа за човековите права“.
– Во Северна Италија во Бергамо е отворена истрага за тоа како се постапувало на почетокот на пандемијата на Ковид-19, потврди обвинителката Марија Кристина Рота.
– Италијанската Влада е на удар од сериозни критики поради нејзините планови за ослободување на земјата од еден од најстрогите и најдолгите карантини во светот. Премиерот Џузепе Конте вчера најави дека мерките ќе почнат да се олеснуваат на 4 мај, но многумина сметаат дека неговата порака е збунувачка и недоволна.
– Жителите на Индонезија очекуваат враќање во нормален живот следниот месец. Земјата која е четврта во светот по бројот на население има регистрирано 9,096 заразени случаи, што е втор најголем број во југоисточна Азија по Сингапур.
– Велика Британија ризикува над 100.000 смртни случаи од коронавирус до крајот на годината, доколку Владата ги олесни ограничувањата за да ги заштити оние кои се најризични, тврди водечкиот британски епидемиолог Нејл Фергусон.
– Војводина е покраина во Србија со најмалку заразени поради што опозицијата бара укинување на вонредната состојба.