Свет 19. април 2020. / 20:40

Најнова состојба со Ковид-19 во светот

Најнова состојба со Ковид-19 во светот

Според најновите податоци, во светот со корона вирус досега се заразени вкупно 2.372.991 лицa. Од нив починати се 163.636, а оздравеле 611.747 луѓе.

– Бројот на умрени во болниците во Велика Британија надмина 16.000 лица. Во последните 24 часа умреле 596 лица, што е најмало зголемување на дневна основа по речиси две недели. Регистрирани се речиси 6.000 нови случаи на заразени, со што вкупниот број на инфектирани достигна 120.000 лица.

– Унгарија на 3 мај ја очекува кулминацијата на епидемијата на корона вирусот, а земјата дотогаш ќе има доволно респиратори, изјави премиерот Виктор Орбан во видео на својот профил на Фејсбук. Орбан за време на посетата на  една болница кажа дека Унгарија наскоро ќе има 5.000 респиратори, а дека сега  има нешто над 2.000. Во Унгарија досега од Ковид -19 се заболени околу 2.000 лица, а умреа речиси 200.

– Бројот на умрени од Ковид-19 во Холандија во последните 24 часа се зголеми за 83, што е најниско дневно зголемување од 26 март. Во оваа земја 3.684 луѓе досега умреа од инфекцијата на корона вирус. Холандија досега има регистрирано 32.655 случаи на инфекција, при што во последните 24 часа потврдени се повеќе од 1.066 лица.

– Либанскиот министер за внатрешни работи соопшти дека од понеделник ќе стапи во сила одлуката за скратување на полицискиот час за еден час. Оваа одлука се воведува пред почетокот на светиот месецот Рамазан, за време на кој муслиманите, кои се мнозинство од населението во Либан, постат од изгрејсонце до зајдисонце.

– Во последните 24 часа во Хрватска се пријавени 39 нови случаи на корона вирус, со што бројот на заболени се зголеми на 1.871. Од вчера се умрени осум пациенти, од кои сите имале тешки хронични состојби, а од почетокот на епидемијата се умрени вкупно 47 лица.

– До денеска во Швајцарија од Ковид-19 се умрени вкупно 1.135 лица. Позитивни на корона вирус сега се 27.740.

– Во БиХ денеска се хоспитализирани нови 73 лица поради инфекција со корона вирус, при што најмладо е едно бебе од Завидовиќ. Бебето е родено годинава, нема симптоми и во моментов е во добра здравствена состојба, изјави консултантот за односи со јавност на федералното Министерство за здравство Златан Перси. Во изминатите 24 часа во ФБиХ, 603 лица биле тестирани за вирус, а кај седум била потврдена инфекцијата.