Свет 18. април 2020. / 13:21

Најнова состојба со корона вирусот во светот до 13 часот

Најнова состојба со корона вирусот во светот до 13 часот

Според најновите податоци, во светот со корона вирус досега се заразени вкупно 2.261. 397 лица. Од нив, починати се 154.726, а излекувани се 579.187 лица.

– Во Кина вчера биле потврдени 27 нови случаи на инфекцијата со корона вирус, соопшти Националната здравствена комисија. Од нив, 17 случаи биле увезени од странство.

– Во Русија во послендите 24 час уште 4.785 нови лица се заразени со вирусот, со што вкупниот број на пациенти достигна 36.793 во сите региони. Иако во Москва речиси 21.000 лица  се заразени со Ковид-19, вклучувајќи ги и и 2.649 од новите случаи, локалните власти велат дека градот успеа да го избегне експлозивниот раст на епидемијата.

– Вкупниот број на заразени со корона вирус во Јапонија го достигна прагот од 10.000  регистрирани случаи , јавува телевизијата НХК. Досега во оваа земја умреле повеќе од 200 лица, а главниот град, Токио, кој вчера соопшти за нови 201 случај, е најтешко погоден од пандемијата.

– Уште 16 пациенти, претежно постари лица кои имаат хронични заболувања, починаа во Унгарија, со што бројот на загинати е зголемен на 172. Пријавени се и нови 71 случај на заразени со што вкупната бројка сега е зголемена на 1.834.

– Индонезија соопшти за уште 325 нови случаи на корона вирус,  со што вкупниот број на заразени во оваа земја достигна 6.248. само во последните 24 часа во земјата умреа 15 лица, со што вкупниот број на жртви се зголеми на 535.

– Во Германија во последните 24 часа се потврдени 3.609 нови случаи на корона вирус, со што вкупниот број на заразени достигна на 137.439, посочи Институтот за инфективни болести Роберт Кох. Ова е четврти ден по ред на зголемување на бројот на новозаразени.

– Бројот на смртни случаи од корона вирусот во САД достигна 35.400. Во Калифорнија, бројот на загинати надмина 1.000, а тоа е осмата американска држава која забележа повеќе од 1.000 смртни случаи, а е прва на Западниот брег. Заразени се повеќе од 700.000 луѓе, а бројот на зарази е зголемен во последните три дена. Најголем дневен раст на заразени лица е забележан на 10 април, кога биле пријавени 35.715 нови случаи.

– Тајланд објави дека во земјата се регистрирани уште 33 случаи на заразени, со што вкупниот број заразени сега изнесува 2.733. Во Бангкок се регистрирани 11 нови случаи. Во послендите 24 часа нема пријавени нови смртни случаи, а излечени се 1.787 лица. Тајланд од јануари досега има пријавено  47 смртни случаи.

– Шефот на кабинет на нигерискиот претседател, Аба Киари, вчера почина од послециците на Ковид-19, на Твитер објави портпаролот на претседателот. Кјари (70) имал и други здравствени проблеми, вклучувајќи дијабетес. Тој бил главен помошник на 77-годишниот претседател Мухамед Бухари и еден од најмоќните луѓе во земјата. Нигерија има 493 потврдени случаи на коронавирус и 17 смртни случаи.

– Нови 578 случаи на корона вирус и 60 нови смртни случаи се пријавени во Мексико, со што вкупната бројка на заразени се зголеми на 6.875, а на починати на 546 лица. Здравствените власти во оваа земја, сепак,  проценуваат дека вистинскиот број на заразени лица може да достигне дури 55. 000 лица

– Според последните информации, во Црна Гора се регистрирани уште два случаи на корона вирус, со што бројот на заразени се зголеми на 305. Институтот за јавно здравје на Црна Гора објави дека станува збор за случаи во Плав и Подгорица и дека двајцата имале контакти со претходно потврдени случаи.