Десетици илјади Белоруси се собраа во Минск за да учествуваат на „Маршот за слобода“ по контроверзните претседателски избори кога победи Александар Лукашенко.
Учесниците на антивладините демонстрации извикуваа „Заминувај“ и „Да живее Белорусија“. Тие се движеа по Булеварот за независност, откако опозицијата повика на најголеми демонстрации од гласањето пред една недела.
На маршот учествуваа и група ветерани во воени униформи.
„Ние сме против насилство“ и „Лукашенко мора да одговара за тортура и смртни случаи“ се само некои од транспарентите на демонстрациите. Демонстрантите носеа и 100-метарско црвено-бело знаме.
Состојбата во Белорусија е иста како за време на втората светска војна, а политичкиот противник на Лукашенко, Светлана Тихановскаја пребегна во Литванија поради притисок од КГБ, вели Андреј Саников, екс претседателски кандидат во Белорусија во интервју за тв 24.
Тој додава дека официјален Минск крие колку мртви луѓе има на улиците и дека деновите на власт на Александарј Лукашенко се бројат на прсти.
Саников беше осуден на пет години затворска казна за учеството во протестите што го оспоруваа повторниот избор на Лукашенко пред една деценија, ослободен под притисок на ЕУ, а сега во егзил во Полска.
Претходно во Минск се одржа повладин протест на кој се појави Претседателот Лукашенко и одржа говор. Тој повика на спасување на земјата од уништување.
Според западните медиуми, Лукашенко имал втор телефонски разговор со рускиот лидер Владимир Путин. Тие разговарале за ситуацијата во Белорусија.
За денеска се организирани најголемите протести против владеењето на Лукашенко во државата. Во петокот, белоруската Влада се извини и почна да ги ослободува демонстрантите.
Протестите избија во Белорусија откако долгогодишниот лидер Александар Лукашенко победи на изборите во неделата. На власт е од 1994 година, и сега го освои шестиот мандат со поддршка од 80 отсто гласови.