Свет 09. август 2020. / 19:30

Нафтениот гигант „Сауди Арамко“ изгуби 73 проценти од својот профит поради пандемијата

Нафтениот гигант „Сауди Арамко“ изгуби 73 проценти од својот профит поради пандемијата

Саудискиот нафтен гигант „Сауди Арамко“ објави пад на нето добивката од 73,4 проценти во вториот квартал на 2020 година во однос на претходната година, како резултат на падот на цената на нафтата предизвикана од пандемијата.

Јавната фирма објави дека нејзината нето-добивка е 6,6 милијарди долари за периодот април-јуни 2020 година, додека во исто време лани изнесувала 24,7 милијарди долари.

„Турбуленциите поврзани со намалената побарувачка и падот на цената на нафтата, ги рефлектираат нашите резултати во вториот квартал“, рече извршниот директор на компанијата Амин Насер.

Нето-добивката на Сауди Арамко во првата половина од оваа година се намали за 50 проценти, на 23,2 милијарди долари, наспроти 46,9 милијарди долари во истиот период лани, соопшти компанијата.

Приходите од нафта во Саудиска Арабија, најголемиот извозник на таа суровина во светот, беа погодени од двојниот шок од паѓање на цените, како резултат на трговската војна пред пандемијата и последователното намалување на производството.

Цените на нафтата го достигнаа своето најниско ниво за неколку децении во април и мај: под 20 долари за барел, како резултат на падот на побарувачката предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Цените се искачија на околу 44 долари за барел кога неколку земји што произведуваат нафта од картелот „Опек“ се согласија да го намалат производството.

Саудиското производство на нафта падна на 7,5 милиони барели на ден во јуни, додека просекот минатата година беше 10 милиони.

И покрај сè, компанијата „Сауди Арамко“ ќе распредели 18,75 милијарди долари дивиденда за вториот квартал, бидејќи вети дека ќе распредели најмалку 75 милијарди долари во дивиденди годишно за пет години, рече Насер.

„Сауди Арамко“ за прв пат се најде во листата на саудиската берза во декември, што претставува најголем влез на берзата во светот: компанијата тогаш доби 29,4 милијарди долари со продажба на 1,7 проценти од акциите.

„Сауди Арамко“ го загуби своето место како најскапа компанија во светот минатата недела, кога капитализацијата на американскиот „Епл“ достигна 1.900 милијарди долари, додека вредноста на саудиската компанија беше 1.760 милијарди.