Свет 10. октомври 2020. / 23:00

Над 29 милиони девојки и жени се жртви на модерното ропство

Над 29 милиони девојки и жени се жртви на модерното ропство

Новиот извештај, претставен во Обединетите нации, проценува дека 29 милиони девојки и жени во светот се жртви на современи форми на ропство, принудна работа, дури и во нивните семејства, присилни бракови и должничко ропство.

Грејс Форест, коосновач на организацијата за борба против ропството „Walk Free“, изјави дека секоја 130-та жена и девојка во светот живее во некаква форма на модерно ропство.

„Повеќе луѓе живеат во ропство денес отколку кога било досега во историјата“, рече Форест на прес-конференција во ОН во Њујорк.

„Walk Free“ го дефинира денешното ропство „како систематско лишување од лична слобода, во кое едно лице се злоупотребува заради нечија лична или финансиска корист“.

Проценката дека секоја 130-та жена и девојка во светот е во модерно ропство, е основана врз основа на работата на организацијата „Walk Free“ и две агенции на ОН – Меѓународната организација на трудот и Меѓународната организација за миграција.

Според извештајот наречен „Stacked Odds“, жените сочинуваат 99% од сите жртви на присилна сексуална експлоатација, 84% од сите жртви на присилен брак и 58% од сите жртви на присилна работа.

Форест рече дека експлоатацијата „се нормализирала во економијата“, како и во миграциските патишта, што се влошило поради пандемијата на коронавирус, со „ненадејно зголемување на присилни и детски бракови и експлоатација на работници ширум светот“.

Таа најави дека „Walk Free“ и програмата на ОН „Every Woman, Every Child“ започнуваат глобална кампања за укинување на современото ропство повикувајќи на крај на детскиот и присилен брак и легализирани системи на експлоатација на работниците-мигранти. Кампањата исто така ги повикува мултинационалните компании на транспарентност и отчетност.