Темпото на пандемијата во светот се забрзува со повеќе од 16 милиони регистрирани случаи на коронавирус, од кои повеќе од половина се на американскиот континент, а вирусот е откриен во изолирана Северна Кореја во неделата, јавуваат агенциите.
„Ковид-19“ се појави и во Северна Кореја, која досега тврдеше дека е поштедена, но започна максимална тревога во неделата, по објавувањето на првиот сомнителен случај.
Со повеќе од пет милиони нови случаи од 1 јули, или повеќе од една третина од регистрираните од почетокот на пандемијата, најмалку 645.715 луѓе починале од Ковид-19 низ целиот свет, според Франс прес, врз основа на официјални извори во неделата.
И покрај зголемувањето на бројот на случаи, шпанската влада тврди дека ситуацијата е под контрола и дека жариштата се „локализирани и изолирани“, како одговор на земјите што најавија ограничувања за Шпанија. Министерот за надворешни работи Аранча Гонзалез Лаја изјави дека Шпанија е „сигурна земја“.
Лондон објави дека патниците од Шпанија од недела ќе бидат обврзани да заминат во изолација, што го изненади британскиот министер за транспорт, кој е таму на одмор.
Францускиот премиер Жан Кастекс „топло им препорача“ на Французите да избегнуваат да одат во Каталонија, пренесува АФП.
СЗО во саботата истакна дека ниту една земја не е поштедена.
САД се најпогодени од вирус со 146.463 смртни случаи од 4.178.730 случаи. Пакистан (повеќе од 270.000 пациенти, од кои 5.800 умреле) укажува на пад од 80 проценти во бројот на смртни случаи во однос на јуни. Иранските власти објавија 216 нови случаи во неделата и го повикаа населението да биде претпазливо.
Австралија во неделата имаше 10 смртни случаи и зголемување на бројот на пациенти, иако се ограничени со строги мерки. Има се повеќе и повеќе откажани прослави и спортски средби во Латинска Америка, како и во Јапонија и Виетнам.