Свет 31. март 2020. / 10:24

На САД им се заканува бројка од два милиона заразени и 100 до 200 илјади починати од Ковид-19

На САД им се заканува бројка од два милиона заразени и 100 до 200 илјади починати од Ковид-19

Д-р Дебора Биркс, член на Координативниот штаб за борба со корона вирусот во Белата куќа, објави прогноза дека, доколку во САД не се направи ништо, можно е да се заразат од 1.6 до 2.2 милиони лица. Според Биркс, од нив би починале меѓу 100 и 200 илјади граѓани.

Тоа е најлошо сценарио, додека најоптимистичното сценарио е заразеност до 200 илјади луѓе, доколку наредбите за карантин се почитуваат – изјави Биркс порачувајќи дека клучно е да се остане во карантин.

Моментално, во задолжителен карантин се наѓаат речиси две третини од вкупното население на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, изјави дека досега за корона вирус биле тестирани еден милион Американци, со темпо од 5.000 луѓе дневно, како што истакна „најмногу од тестовите што се прават во која било друга земја“.

Како што покажуваат некои анализи од дневните мерење на температура кај луѓето со термометри приклучени на Интернет, што ги прави компанијата „Кинса хелт“, во некои сојузни држави како Вашингтон, Ново Мексико, Луизијана, или во јужниот дел на Колорадо, бројот на новозаразени се намалува, што значи дека мерката карантин е успешна, пишува „Њујорк тајмс“.

САД се земја во којашто има најмногу регистрирани случаи на заразени со корона вирусот во светот. Пандемијата досега зафати 164,5 илјади американски граѓани, а по неа следуваат Италија со речиси 102 илјади и Шпанија каде што има околу 88 илјади заразени луѓе.