Една неодамнешна анкета над повеќе од 2.000 Британци од истражувачката компанија Британ тинкс откри дека на 83 отсто им е смачено секој ден да гледаат вести за брегзитот, додека 64 отсто сметале дека тоа е лошо за менталното здравје.
За еден пратеник тоа станало премногу. За да избега од бурната и раскарана средина што ја создаде брегзитот во Парламентот и низ цела Британија, тој почнал да се крие во својата канцеларија.
-Ја затворам вратата, го гасам светлото и се покривам со јакната. Многу е темно, изјави Ендрју Перси за Би-би-си неделава.
-Два пати гласав да излеземе без договор. Трипати гласав за договорот на премиерката, рече тој. „Што и да направите, тие ви викаат.“
Перси не е осамен во чувството на стрес од долгиот и хаотичен развод на Британија од блокот на нации, чиј дел беше повеќе од 40 години.
А откако европските лидери неделава ѝ дозволија на Меј да го одложи датумот на заминување до 31 октомври, изгледа дека Британија ја чекаат уште месеци и месеци расправии и кавги.
Хју Мериман, друг конзервативен пратеник, призна дека одел на психијатар поради стресот предизвикан од брегзитот и злоупотребувањето од страна на гласачите.
Исто така, неговата половина се стеснила за 10 сантиметри како резултат на загриженоста.
-Решив дека треба да се осигурам дека добивам вистинска нега и дека ние се грижиме за нашето ментално здравје, изјави тој за Би-би-си.
Норман Ламб, пратеник на опозицијата и поранешен министер за финансии, за Фајненшл тајмс изјави дека 24-часовната достапност на Твитер можеби го влошува проблемот.
–Ова е прв пат да поминуваме низ таква траума во парламентот во ерата на социјалните медиуми, каде што има постојан бараж од критики“, рече Ламб. Тешко е да го задржите здравиот разум и да одржите бистра глава кога имате притисоци од партијата, од гласачите и од вашиот сопствен морален компас – а сето тоа може заемно да се побива.
Линдзи Хојл, заменик-претседател на Долниот дом, минатата недела им пиша на пратениците за да ги потсети дека Парламентот има 24-часовна телефонска линија за психијатриско советување.
-Од витално значење е во време на зголемен стрес на работното место да имаме пристап до неопходната поддршка за здравјето и благосостојбата, напиша тој.
Една неодамнешна анкета над повеќе од 2.000 Британци од истражувачката компанија Британ тинкс откри дека на 83 отсто им е смачено секој ден да гледаат вести за брегзитот, додека 64 отсто сметале дека тоа е лошо за менталното здравје. Повеќе од две третини од испитаниците рекле дека брегзитот е сè позбунувачки колку повеќе дознаваат за него.
–Мислам дека е фер да се каже дека количеството на конфузија и неизвесност предизвикани од брегзитот влијае врз менталното здравје на луѓето, рече психологот д-р Лајла Меккеј, за Еуроњуз.