Официјален Париз вчера ја осуди изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој го доведе во прашање менталното здравје на својот француски колега по изјавите за карикатурите на Мухамед, а поради неа исламските држави почнуваат да ги бојкотираат француските производи.
Ердоган претходно во саботата го критикуваше ставот на својот француски колега Емануел Макрон кон муслиманите, повикувајќи го да го провери своето ментално здравје.
–Зборовите на претседателот Ердоган се неприфатливи. Навредувањето и грубоста не се начин. Бараме Ердоган да ја смени политичката насока бидејќи неговата политика е опасна во секоја смисла. Не влегуваме во непотребни полемики и не прифаќаме навреди, коментираше вчера Елисејската палата.
На консултации во Франција беше повикан францускиот амбасадор во Анкара.
Вчера се заредија повици на бојкот на француските производи во повеќе земји на Блискиот Исток откако Макрон во емотивниот говор неделава вети дека неговата земја нема да е откаже од карикатурите на Мухамед кои исламот не ги дозволува.
Францускиот претседател изјавата ја даде во четвртокот во чест на професорот Самуел Пати на кого исламистички терорист му ја отсече главата бидејќи во рамки на наставата за слобода на изразувањето на своите ученици им ги покажувал карикатурите на Мухамед.
Турција, Иран, Јордан и Кувајт го осудија објавувањето на карикатурите.
Организацијата за исламска соработка, која ги обединува муслиманските земји, изрази жалење поради „изјавите на францускиот претседател кои можат да им наштетат на француско-муслиманските односи“.
На социјалните мрежи повиците на бојкот на француските производи се редат од петокот со хаштаг на арапски.
Во Катар трговските синџири Ал Мира и Сук ал Балади објавија дека ќе ги повлечат француските производи од своите полици до нова одлука.
Универзитет во Катар објави во петокот на Твитер дека ја одложува неделата на француската култура поради „свесниот напад врз исламот и неговите симболи“.
Во Кувајт на социјалните мрежи беа објавени снимки на отстранување на француски сирења од полиците.
Шеестина мешани претпријатија во Кувајт најавија бојкот на француските производи.
Околу 430 туристички агенции во Кувајт ги укинаа резервациите за летови за Франција, објави Сојузот на кувајтски туристички агенции.
Земјите од Персискиот Залив, Катар, Саудиска Арабија и Соединетите Арапски Емирати се важен пазар за извозот на француската прехрабена индустрија.