Отфрлањето на нацрт-буџетот на Италија од страна на Европската комисија не значи почеток на нова економска криза во Европа, но открива постоење политички конфликт во ЕУ, изјави европскиот комесар за економски и финансиски прашања, Пјер Московици, за францускиот сервис CNews.
„Ова е политичка криза, ова се облозите ставени пред европските избори. Се соочуваме со егзистенцијална криза, која се покажа првпат од создавањето на ЕУ, се појавија популистички сили, силите на нетолерантната демократијата што ја напаѓаат слободата. Ова е италијански предизвик што сега не е криза, туку буџетски предизвик, предизвик за правилата на ЕУ“, рече Московици.
Економијата во еврозоната расте, се отвораат нови работни места, финансиската состојба во повеќето земји членки на ЕУ е подобрена, а нивниот јавен долг, со исклучок на Италија, беше во пад, истакна тој.
„Европската економија не е во криза“, заклучува еврокомесарот.
Во вторникот Европската комисија го отфрли нацрт-буџетот на Италија за 2019 година и му даде на Рим три недели за ревизии. Московици тогаш забележа дека нацрт-буџетот одобрен од актуелната италијанска влада на 15 октомври не е во согласност со обврските што ги постави претходната влада во јули 2017 година.
Во врска со прашањето италијанскиот министер за внатрешни работи и вицепремиер, Матео Салвини, рече дека Рим нема да промени дури ни запирка во буџетот за 2019 година нарекувајќи ги активностите на Брисел напад на италијанската економија и обвинувајќи го раководството на ЕУ за обид да го попречат економскиот раст на Италија.