Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, во интервју за германски „Шпигел“ изјави дека Техеран не исклучува преговори со САД и покрај американскиот атентат врз иранскиот генерал Касем Сулејмани.
Зариф додаде дека никогаш не ја исклучува можноста луѓето да можат да го променат својот пристап и да ја сфатат реалноста.
Иако тензиите меѓу Техеран и Вашингтон се зголемени по повлекувањето на САД од нуклеарниот договор кон крајот на 2018 година, Зариф изјави дека Иран сè уште е подготвен да преговара, но повторно го истакна барањето на неговата земја, прво САД да ги укинат санкциите.
– За нас не е важно кој седи во Белата куќа, за нас е важно како се однесува. Администрацијата на Доналд Трамп може да го поправи минатото, да ги укине санкциите и да се врати на масата за преговори. Ние сè уште сме на преговарачката маса. Тие се тие што си заминаа – истакна Зариф.
Тој посочи дека Иран е подготвен и за конфликт со САД, иако не образложи на што точно мисли..
– САД му нанесоа голема штета на иранскиот народ. Ќе дојде денот кога тие ќе треба да платат за тоа. Имаме многу трпеливост – порача Зариф.