Свет 19. март 2019. / 19:00

Могерини: Атина и Скопје треба да бидат инспирација за сите

Могерини: Атина и Скопје треба да бидат инспирација за сите

Шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини изјави дека за лидерите на Западен Балкан постојат две опции – да си постават високи цели или да не направат ништо.

– Ако сте политички лидер во компликувана земја и компликуван регион можете да изберете високи цели и да постигнете најдобро за својот народ и земја или да одлучите да чекате да дојдат подобри времиња- истакна Могерини.

Таа после состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Република Северна Македонија ги повика сите земји од регионот на Западен Балкан да најдат инспирација во договорот меѓу Атина и Скопје.

– Тие избраа храбра визионерска улога на лидери што донесе историски резултат. Верувам дека тоа треба да биде инспирација за сите- рече Могерини.

На прашање од новинар на Танјуг за консултациите на ЕУ со меѓународната заедница за процесот за повторно придвижување и можна финализација на дијалогот меѓу Белград и Приштина, високата претставничка на ЕУ рече дека меѓународната заедница одблиску ги следи случувањата во регионот.

– Во меѓународната заедница и Советот за безбедност постои целосно признание за работата што ја направивме со Северна Македонија и Грција, како и целосно очекување дека тоа може да биде инспирација за останатиот дел од регионот- порача Могерини.