Министрите за надворешни работи на 27 земји членки на Европската унија во петокот го одобрија предлогот за санкционирање на белоруските претставници за наводно задушување на протестите и кршење на демократските процедури.
Не можеме да ги игнорираме фактите за измама во изборите и употреба на сила, изјави полскиот министер за надворешни работи Јацек Чапутович и истакна дека ЕУ сега ќе работи на составување список на лица што треба да бидат санкционирани.
Претходно, претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен повика на санкции против белоруските службеници кои „кршеа демократски вредности или ги злоупотребија човековите права“, на протестите што се одржуваат во земјата, откако претседателот Александар Лукашенко обезбеди уште еден мандат на должноста со убедлива победа на изборите во неделата.
Полска, Чешка, Естонија, Латвија, Литванија и Данска повикаа во заедничко писмо за воведување „рестриктивни мерки против белоруските службеници“ одговорни за изборните резултати, според кои претседателот Лукашенко освои 80 проценти од гласовите и за тепање и апсење на граѓански демонстранти.
Германија, Австрија и Шведска веќе побараа итни санкции, со што вкупно девет земји членки на ЕУ бараат ограничувања за режимот на претседателот Лукашенко.
Според западни медиуми кои се повикуваат на дипломатски кругови во Брисел најголемиот противник на санкции е Унгарија, која веќе побара укинување на претходните санкции за Белорусија.