Милиони луѓе во светот се изложени на ризик од глад, а пандемијата на коронавирус и климатските промени ја зголемуваат заканата, изјави генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш.
– Без итна акција, милиони луѓе ќе дојдат до работ на екстремна глад и смрт, рече Гутереш пред Советот за безбедност за време на состанокот за врската помеѓу храната и безбедноста.
Гутереш рече дека повеќе од 30 милиони луѓе во повеќе од триесетина земји се „на само еден чекор“ од прогласување глад.
– Климатските шокови и пандемијата на Ковид-19 додаваат масло во огнот. Имам едноставна порака: ако не ги храниш луѓето, храниш конфликти. Нема простор за глад во 21 век, рече тој.
На крајот на 2020 година, повеќе од 88 милиони луѓе страдаа од акутен глад поради конфликт и нестабилност – зголемување од 20 отсто за една година, рече Гутереш, посочувајќи на трендот на влошување во 2021 година.
Меѓу подрачјата со висок ризик се Сахел, Африканскиот Рог, Јужен Судан, Јемен и Авганистан.
Гутереш рече дека за да се спасат 34 милиони луѓе во области со висок ризик, ООН и нејзините агенции бараат итна мобилизација на 5,5 милијарди долари. Тој најави дека формира работна група за „спречување на катастрофа“, претставена од Светската програма за храна и Организацијата за храна и земјоделство.