Свет 04. јуни 2018. / 16:03

Милионер е обвинет за убиство на работник кој му градел нуклеарен бункер

Милионер е обвинет за убиство на работник кој му градел нуклеарен бункер

Американски хакер и милионер е обвинет за убиство на момче кое го ангажирал да му изгради атомско засолниште под неговата куќа, објавија американските медиуми.

Даниел Беквит (27) го градел нуклеарниот бункер „стравувајќи од меѓународна опасност, вклучувајќи можен напад од Северна Кореја“, рече неговиот адвокат.

Градежниот работник Аскија Хафра (21) загинал во септември додека копал тунели под куќата на Беквит, кога во тунелите избил пожар.

Беквит се товари за убиство од небрежност, а уште една тужба против него гласи за „убиство од втор степен предизвикано од целосна небрежност за човечки живот“.

Мрежата од тунели долга 60 метри се наоѓа на околу 6 метри под подрумот на Бекет и била полна со електрични кабли, стои во обвинението. Тужителите тврдат дека Беквит бил свесен за опасноста и зголемениот ризик од избивање пожар, но не направил ништо за да го спречи тоа.

Кога избил пожарот на 10 септември, 2017 година, Беквит побегнал од куќата и ја известил брзата момош дека има уште едно лице внатре. Полицијата соопшти дека поради огромната количина на ѓубре во куќата било отежнато движењето. Хафра починал од изгореници и вдишување чад.

„Washington Post“ објави дека Беквит го запознал момчето на интернет и не сакал да му ја покаже локацијата на која ќе работи. Доаѓал по него во изнајмен автомобил и го присилувал да носи темни наочари за да не гледа каде го носи. Тужителите велат дека Хафра поминувал и по неколку дена во тунелите и не знаел каде се наоѓа.

Неколку часа пред смртта, Хафра му испратил СМС порака на Беквит дека почувствувал мирис на чад во тунелот. Тогаш Беквит се обидел да ги нагоди осигурувачите, а тужители тврдат дека тоа е доказ дека знаел за опасноста од пожар во тунелите.

Адвокатот на Беквит изјави дека Хафра „уживал во работата и дека на социјалните мрежи објавувал фотографии од напредокот на работата во тунелите“. Тој додаде дека се работи за „трагична несреќа“, но дека момчето „доброволно ги извршувало сите активности и било потполно свесно за сите околности“.

Беквит беше пуштен на слобода со кауција од 100.000 долари и неделава треба повторно да се појави пред суд.