Поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ му пиша на новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден и му понуди решение на БиХ како граѓанска држава.
Месиќ смета дека БиХ може да биде и дејтонска и граѓанска држава, бидејќи тие два концепти не се исклучуваат, туку се дополнуваат, и во писмото се наведува дека затоа треба да биде уредена како граѓанска, а не како национална држава.
Писмото го пренесе загрепскиот неделник Национал, а гледањето на Месиќ на БиХ предизвика одредени реакции во Хрватска, па така соговорници на Вечерњи лист велат дека рамноправноста на трите конститутивни народи никако не смее да ја исклучува рамноправноста на сите останати граѓани, но ни рамноправноста на сите останати граѓани не смее да ја релативизира рамноправноста на трите конститутивни народи во БиХ.
Дилемата дали граѓанска или национална БиХ е вештачка е објаснувањето и реакцијата на домашните дипломатски извори на писмото на Месиќ, пишува загрепскиот весник.
Кога станува збор за дејтонска Босна и Херцеговина, за кои некои сметаат дека не ги задоволува стандардите на западните демократии, треба да се истакне дека многу развиени светски демократии имаат специфични решенија со посебни историски и содржински концепти кои, под лупата на правното толкување, од временска дистанца би можеле да бидат контроверзни.
Во стратегискиот интерес на Хрватска, како што се наведува, е БиХ да стане функционална држава, бидејќи високата функционалност не е само прашање на политичкото уредување, туку значи и уредување на секојдневните ситуации, од управувањето со миграциите, контролата на границите и економската соработка.
Колку е државата поефикасна, се наведува, толку им е подобро на нејзините соседи, бидејќи неефикасноста се пренесува преку границите.
Она што често неправедно останува во сенка на расправата за бинарната природа на уредувањето на БиХ, е фактот што таа земја има план да стане држава кандидатка за ЕУ, а соговорниците на Вечерњи лист истакнуваат дека Хрватска ќе биде најсилниот „адвокат“ на БиХ на патот до статусот на кандидат.
Тоа, како што истакнуваат, не е политичка одлука, туку се критериуми формулирани во 14-те точки на Европската комисија кои БиХ мора да ги исполни.
-Ние сето тоа го ставаме во контекст на вкупните односи со ЕУ, статусот на кандидат и фактот што сме единствената земја од ЕУ која има граница со БиХ и никој во ЕУ нема поголем интерес за подобра, постабилна и поефикасна БиХ од нас, велат неименуваните соговорници на Вечерњи.