Свет 19. декември 2020. / 20:30

Меркел со порака: Честитајте Божиќ преку видео порака

Меркел со порака: Честитајте Божиќ преку видео порака

Канцеларката Ангела Меркел ги повика Германците поради пандемијата на ковид-19 да избегнуваат посета на членовите на семејството за време на божиќните празници и наместо тоа да им честитаат преку видео повик, како што прават војниците распоредени во странство.

Германија се бори со зголемување на бројот на заразени и починати. Пофалбите на Меркел за успешно зауздување на првиот бран на пандемијата се претворија во критики за неуспехот во вториот бран.

– Жените и мажите кои се распоредени далеку од дома за да ја осигураат нашата безбедност знаат што значи да се има ограничен контакт со најблиските, рече Меркел во својот неделен видео подкаст.

– Тие знаат што значи кога единствената можност за контакт во подолг временски период е преку Скајп, додаде таа.

Германија во саботата забележа повеќе од 31.000 нови инфекции и 702 починати како последица од ковид-19, соопшти институтот Роберт Кох. Тоа е двојно повеќе од бројот на заразени на 15 декември, ден пред Германија да воведе строго затворање што ќе биде на сила барем до 10 јануари.

Во пресрет на Божиќ и Нова година, Меркел упати емотивни апели во кои ги моли Германците да избегнуваат непотребни патувања и да ги ограничат социјалните контакти на апсолутен минимум, додека здравствените експерти предупредуваат на зголемување на инфекциите за време на празниците.

– Она што ги чека многумина од нас за Божиќ е вообичаено за луѓето во мисии во странство, рече канцеларката денеска.

Германија се очекува да започне вакцинација против ковид-19 на 27 декември, со вакцина развиена од германскиот Бајонтек и американскиот Фајзер.