Свет 12. март 2019. / 11:29

Меркел се дистанцира од Макрон

Меркел се дистанцира од Макрон

Во текстот на Анегрет Крамп-Каренбауер, која се смета дека ќе биде наследничка на Ангела Меркел и на позицијата канцелар, таа се оградува од визијата на францускиот претседател Емануел Макрон за иднината на Европа по неколку точки, што отвори загриженост за можни несогласувања меѓу Париз и Берлин.

Германската канцеларка Ангела Меркел ги поткрепи предлозите на нејзината наследничка на местото лидер на Христијанско-демократската унија, изнесени во нејзиниот одговор на есејот „Европска ренесанса“ на Емануел Макрон.

Иако Меркел реши да не му одговори директно на францускиот колега, таа изрази поддршка за креирање на заеднички европски носач на авион за кој Крамп-Каренбауер даде предлог да се изгради, покрај европскиот борбен авион.

Иако Меркел додаде дека ЕУ „има други работи како приоритет“, сепак рече дека тоа ќе биде добра идеја.

-Добро е и правилно да имаме таква опрема на европска страна и со задоволство ќе работам на тоа- рече канцеларката.

Меркел исто така ја поддржа идејата на нејзината наследничка да ѝ се одобри на ЕУ место во Советот за безбедност на ОН, што ќе значи дека Франција ќе треба да се откаже од нејзиното постојано место таму.

Германската лидерка, која со години водеше кампања за место на ЕУ во Советот, рече дека предлогот „е многу добар концепт за иднината“. Таа додаде дека тоа ќе овозможи „собирање на европските гласови“, но исто така призна дека е „добро познато“ дека Франција е „скептична“ во врска со тоа.

Отвореното писмо на Макрон беше објавено на 4 март и содржеше низа предлози за граѓаните на ЕУ пред европските избори во мај, кои би довеле до „европска ренесанса“. Францускиот лидер предложи, меѓу другото, ЕУ да формира заедничка европска погранична служба и да се основа Европска агенција за заштита на демократиите што ќе им помогне на членките на ЕУ да ги заштитат нивните избори од сајбер напади и други форми на мешање во изборите.

Неговиот предлог беше поддржан од претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, како и од белгискиот премиер Шарл Мишел.