Меркел сака да го запре целиот извоз на оружје кон Саудиска Арабија додека трае истрагата за убиството на Џамал Кашоги. Макрон вели дека таквите повици се „чиста демагогија“.
Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел се судрија во врска со иднината на извозот на оружје во Саудиска Арабија.
Меркел повтори дека Германија нема да го снабдува со оружје најголемиот купувач сè додека не се разјаснат фактите зад убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во Турција.
„Случајот со новинарот Кашоги е, се разбира, нешто неверојатно, како што му реков на саудискиот крал вчера во нашиот телефонски разговор“, рече Меркел на прес-конференција со чешкиот премиер Андреј Бабиш, пренесе Дојче веле.
„Треба да ја разјасниме заднината на тој ужасен криминал и дотогаш нема да ја снабдуваме со оружје Саудиска Арабија“.
Таа, исто така, го повика Ријад да „стори сè за да ја реши алармантната хуманитарна ситуација во Јемен, таму во моментов има милиони гладни луѓе, ние сме сведоци на една од најголемите хуманитарни катастрофи“.
Макрон го критикуваше ставот на Меркел за извозот на оружје како „чиста демагогија“. Продажбата на оружје „нема никаква врска со господинот Кашоги. Не треба да ги мешаме работите“, рече тој.
„Многу им се восхитувам на оние што, дури и пред да знаат нешто, велат: ‘Не продаваме веќе оружје!’ Тие понекогаш продаваат повеќе од Франција благодарение на нивните заеднички потфати.“
Германскиот неделен весник Шпигл во петокот објави дека Франција се заканува дека ќе го откаже француско-германскиот проект за борбени авиони освен ако не ѝ се дозволи неограничен извоз на воени авиони, дури и во земји вклучени во конфликти.
Шпигл цитира доверлива телеграма испратена до германскиот амбасадор во Париз.
Макрон и Меркел беа во Прага на 100-годишнината од основањето на поранешната чехословачка нација. Тие ја искористија можноста да разговараат за иднината на Европската Унија и да побараат единство. Во интервју за локалните медиуми, Макрон зборуваше против поделбите меѓу старите и новите земји-членки на ЕУ во Источна Европа. Тој рече дека Чешката Република и Словачка, двете држави што се појавија по распаѓањето на Чехословачка, како и Полска и Унгарија треба да се стремат кон солидарност во однос на европската интеграција.
Освен заеднички буџет на еврозоната, Макрон сака поголема обединетост за прашања како што се даноците и заштитата на животната средина.
И Меркел слично зборуваше за единство: „Би прифатила дека не можеме секогаш да чекаме сите 28 земји-членки… да учествуваат“.
Таа, исто така, призна дека нацистичка Германија привремено ја уништи Чехословачка за време на Втората светска војна. „По ужасната историја… денес може да бидеме многу среќни што живееме заедно во пријателство и добра соработка“.
Таа и премиерот Бабиш разговараа за дигитализацијата на индустријата, транспортните врски и за финансиската помош за африканските држави поврзани со миграцијата.