Свет 14. ноември 2018. / 10:38

Меркел: Без европска димензија, немаме иднина

Меркел: Без европска димензија, немаме иднина

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази загриженост поради се поприсутните аспирации за вртење грб на мултилатерализмот и насочување кон сопствената земја, додавајќи дека предизвиците на денешницата државите не можат да ги совладаат поединечно.

Меркел, во своето синоќешно обраќање на свечената вечера во организација на весникот „Зидојче цајтунг“, истакна дека сега го одбележуваме завршувањето на Првата светска војна, по која многу брзо следеше и Втората, а, како што рече, знаевме што ќе се случи оти луѓето не се почитуваа, туку понижуваа, треба да се види дали нешто сме научиле од страшното минато.

-Во време кога исчезнуваат сведоците на страотните настаните од Втората светска војна, постојат силни аспирации кои велат дека не сакаме заедништво и оти нивната земја им е најважна. Тоа ме прави неспокојна и сметам дека сега дојде времето кога треба да покажеме дали сме научиле од историјата или повторно не- рече Меркел.

Според неа, очевидно недостасува доверба, поради настаните со кои се соочивме како финансиската криза, кризата во еврозоната, мигрантската криза, но, исто така, исламскиот тероризам, а сега и дистанцирање од мултилатерализам.

Според Меркел, мултилатерализмот, кој е создаден по Втората светска војна, е нешто што некои сметаат дека треба да се брани, а други дека мора да биде уништен.

Меркел смета дека е важно да се создава доверба за да не се шири недовербата во празниот простор што е оставен.Таа говореше и за важноста на соработката меѓу државите.