Свет 21. септември 2018. / 15:19

Меј понижена во Салцбург

Меј понижена во Салцбург

Британските медиуми денес ги прогласија за мртви предлозите на премиерката Тереза Меј за Брегзит, откако според медиумите тие доживеаа „понижување“ од лидерите на ЕУ на неформалниот самит во Салцбург.

Лидерите на ЕУ изјавија дека ќе се обидат да постигнат напредок околу Брегзит следниот месец, но ја предупредија Меј дека очекуваат виситнски прогрес во врска со трговијата и прашањата за границите на ирскиот остров.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на вчерашниот самит во Салцбург отворено рече дека делови од британскиот план „едноставно нема да функционираат“, додека францускиот претседател Емануел Макрон британските политичари кои го поддржуваат Брегзит ги нарече „лажговци“.

Потресената премиерка за новинарите изјави дека Лондон е подготвен да ја напушти ЕУ без договор за идните односи.

Самитот ги потопи британските надежи за напредок во заглавените преговори, шест месеци пред планираниот излез на Велика Британија од ЕУ на 29 март следната година.

Британските медиуми денес не се воздржуваа од оценување на самитот.

Гардијан наведе дека Тереза Меј е „понижена“, „Понижување за Меј“, напиша Тајмс на својата насловна, „Вашиот Брегзит пропадна“, стоеше на насловната страна на Дејли Мирор, Би-би-си напиша: „Непријатно отфрлање за премиерката во Салцбург“. Додека десноориентираниот Сан лидерите на ЕУ ги нарече „валкани стаорци“ па напиша „Валканите стаорци на ЕУ – евромафијашите направија заседа за Меј“, со фотомонтажа на францускиот претседател Емануел Макрон и Туск како американски гангстери со оружје.