Свет 12. март 2019. / 18:50

Меј: Гласајте за мојот договор или нема Брегзит

Меј: Гласајте за мојот договор или нема Брегзит

Британската премиерка, Тереза ​​Меј, ги повика пратениците да гласаат за договорот за брегзит кој таа го склучи со ЕУ или да ризикуваат Британија да остане во Унијата.

Меј ги повика пратениците демократијата да ја стават пред партиските превирања или личните амбиции, иако се очекува многу евроскептици од нејзината конзервативна партија и пратеници од опозицијата да гласаат против договорот.

„Работата е јасна, овој дом веќе гласаше против договорот“, рече таа во парламентот, кој подоцна денеска треба по втор пат да се изјасни за спогодбата.

Ако парламентот повторно рече „не“, Меј вети дека утре на гласање ќе ја стави одлуката за излез од ЕУ без договор.

„Мислам дека сите треба да знаат, особено оние кои сакаат да се случи брегзит, дека доколку вечерва не го изгласаме договорот, излез може и воопшто да не се случи“, рече премиерката во своето обраќање.

Меј во пресрет на гласањето одржа состанок и со своите конзервативни пратеници и за истиот оцени дека минал доволно добро.

На прашање дали средбата миналa добро, Меј на новинарите им одговори – доволно.

Конзервативните пратеници и министри присуствуваа на состанокот неколку часа пред повторното гласање во парламентот за договорот меѓу Меј и ЕУ.