Британската премиерка, Тереза Меј, им вети на пратениците гласање за одложување на излезот на Британија од ЕУ или отфрлање на брегзит без договор, ако го одбијат нејзиниот договор следниот месец, објави Би-би-си.
Британската премиерка во долниот дом на парламентот вети ново гласање до 12 март за нејзиниот договор за брегзит.
Опозицискиот лидер, Џереми Корбин, ја обвини премиерката за уште едно „гротескно невнимателно” одложување на брегзит.
Меј им рекла на пратениците дека разговорите со европските претставници добро напредуваат. Таа бара измени на договорот за заштитниот механизам за границата на ирскиот остров, со цел да се обезбеди гаранција дека по брегзит нема да дојде до повторно подигнување физичка граница.
Ако повторно изгуби, парламентот до 13 март ќе гласа за тоа земјата дали треба да излезе од ЕУ без договор.
Ако пратениците го отфрлат брегзит без договор, ќе може по трет пат да гласаат за тоа дали треба од ЕУ да бараат кусо, ограничено продолжување на преговорите, рекла Меј.