Свет 18. декември 2019. / 20:00

Матео Салвини се соочува со ризик од судење заради задржување мигранти на брод

Матео Салвини се соочува со ризик од судење заради задржување мигранти на брод

Специјален трибунал денеска препорача да му се суди на поранешниот министер за внатрешни работи на Италија и лидер на крајнодесничарската Лига Матео Салвини бидејќи, на негово барање, во јули десетици мигранти биле држени на брод на крајбрежна стража и не им било дозволено да се истоварат на копно.

Судии од Сицилија побараа одобрување од Парламентот да ја продолжат истрагата за Салвини поради наводно киднапирање мигранти, посочувајќи дека ги злоупотребил своите овластувања и лишил од слобода 13 лица.

„Под истрага затоа што ја бранев безбедноста, границите и достоинството на мојата земја, неверојатно“, напиша Салвини во соопштение, при што истрагата ја оквалификува како „срамна“.

Салвини во јули, додека беше министер за внатрешни работи, нареди мигранти, вклучувајќи и деца, да останат на бродот на италијанската крајбрежна стража „Грегорети“ се додека европските земји не се согласија да прифатат поголем дел од нив.