Белата куќа официјално го номинира Марк Еспер за државен секретар за одбрана на САД, функција која од минатиот месец тој ја извршува во својство вршител на должност.
Тој би требало да го наследи поранешниот државен секретар за одбрана Џим Матис, чија оставка пред седум месеци покрена во Пентагон досега незабележан период на нестабилност на највисоко ниво.
Пентагон соопшти дека со номинирањето на Еспер за новата должност, тој престанува да биде вршител на должност министер за одбрана.
Наместо Еспер, за вршител на должност државен секретар за одбрана ќе биде поставен Ричард Спенсер, кој од август 2017 година ја врши функцијата цивилен раководител на американската Воена морнарица.
Се очекува Спенсер да биде кратко на оваа функција, бидејќи Еспер уште в четврток би требало да биде потврден како нов шеф на Пентагон, по што ќе положи заклетва, а Спенсер ќе и се врати на Воената морнарица.
Сенатот, каде мнозинството го сочинуваат републиканците, денеска треба да одржи сослушување на Еспер, кој стана вршител на должност државен секретар за одбрана на САД откако времениот шеф на Пентагон Патрик Шенахан ненадејно поднесе оставка.