Францускиот претседател, Емануел Макрон, најави реконструкција на владата откако министерот за внатрешни работи, Жерар Коломб, поднесе оставка. Францускиот премиер Едуар Филип веќе денес би можел да ја поднесе оставката од владата, објавија француските медиуми.
Постапката предвидува дека по таков потег се гласа за доверба на владата, во која партијата на Макрон го има мнозинството.
„Мора да бидеме верни на нашиот оригинален проект, но ни треба малку свеж воздух“, рече претседателот на францускиот парламент, Ришар Феран.
Официјални претставници ниту потврдија, ниту негираат дека е планирана голема реконструкција, но еден претседателски извор за агенцијата „Ројтерс“ изјавил дека реконструкцијата и натаму продолжува.
Коломб е третиот француски министер кој поднесе оставка во изминатите пет недели. Покрај него, оставки поднесоа и министерот за екологија Никола Уло и министерката за спорт Лаура Флесел.