Свет 26. април 2018. / 13:12

Макрон: Иран не смее да има нуклеарно оружје, но нема да војуваме ако има

Макрон: Иран не смее да има нуклеарно оружје, но нема да војуваме ако има

Спречувањето на Иран да произведува и поседува нуклеарно оружје е заеднички императив за САД и Франција, но тоа не смее да стане причина за водење војни, рече францускиот претседател Емануел Макрон додека говореше пред американскиот конгрес.

САД, Франција и нивните сојузници имаат јасна цел околу Иран, вели Макрон, кој ја привршува тридневната посета на САД.

„Иран нема да има нуклеарно оружје. Ниту денес, ниту за пет или десет години. Никогаш“, рече Макрон.

Сепак, францускиот претседател инсистираше дека иако Иран можеби се противи на оваа одлука, тоа не смее да предизвика војна на Блискиот исток.

„Мораме да ги обезбедиме стабилноста и почитувањето на суверенитетот на секоја држава, вклучувајќи ја и Иран, која претставува голема цивилизација. Нема да ги повторуваме старите грешки во овој регион. Нема да бидеме наивни, но нема ниту да правиме нови војни“, истакна Макрон.

Тој во понеделникот пристигна во САД и ја направи својата прва посета на Белата куќа откако Доналд Трамп стана претседател на оваа земја.

Портпаролката на Белата куќа ја оцени оваа посета како многу успешна, истакнувајќи дека двајцата лидери одржале важни консултации за критичните прашања со кои двете земји се соочуваат на домашна територија, но и на светско ниво.