Сопствениците на продавниците за оружје никогаш порано не виделе такво зголемување на продажбата на оружје на Флорида, како сега, откако корона вирусот се шири низ земјата. Претходно продажбата не беше така интензивна ни по терористичките напади врз кулите близначки во Њујорк на 11 септември 2001 година, ни по масовните пукања, па дури ни кога ураганите се закануваа дека ќе ја срамнат со земја јужна Флорида, пишува весникот „Мајами Хералд“.
Според продавачите и сопствениците на продавниците за оружје, како и на надлежните институции, стравот и неизвесноста од ширењето на заразата ги мотивираат луѓето да купуваат оружје и муниција, бидејќи се плашат од безаконие, грабежи, борба околу храна, лекови, места во засолништа…
Нашата продажба е зголемена за 80 отсто, со огромен раст на купувачите кои за првпат одлучиле да се вооружаат, се плашат од растот на бројот на престапници, невработеност, немаштија… – вели Алек Еленберг, менаџер на продавницата за оружје „Чарли“.
Неговата логика е, како што вели, доколку не можете да ге браните домот и семејството, за што сте тогаш добри.
САД се земја со најголем број парчиња оружје по глава на жител во светот, со оглед на тоа што 40 отсто од Американците наведуваат дека поседуваат пиштол или живеат во домаќинство во кое има оружје.
Само во петокот побарувачката за оружје нараснала на 13.192 барања од минатогодишните 2.646 во истиот период, а весникот „Мајами Хералд“ наведува дека слична е состојбата ширум САД.